Како до нула отпад?
(Барем) 10 идеи и цаки за нула отпад
1. Користи платнено марамче наместо хартиени марамчиња спакувани во амбалажа. Ете ти идеја за убав подарок. 2. Во кујната бриши со крпа наместо со кујнска хартија. Верувај, не е толку неопходна колку што мислиш. 3. Наместо во пластични, остатоците храна чувај ги во метални или стаклени садови. Поздраво е! 4. Секогаш носи со себе стаклено или метално шише или чаша за повеќекратна употреба. Цедениот сок не е толку здрав кога го пиеш од пластична чаша со пластична цевка, а не е ни кафето кога го носиш во стиропорна чашка. 5. Наместо со алуминиумска фолија, покриј ги садовите со чинија. Причина плус за да смислиш некој супер рецепт, па поскоро да се изеде храната од претходните денови. 6. Плаќај ги сметките онлајн секогаш кога можеш и избери ја опцијата фактурите да ти стигнуваат во инбокс, наместо во сандаче. Штедиш и хартија и време. 7. Не земај ги флаерите што ги делат низ шопинг-центрите и низ ГТЦ. Што ќе ти се? Пиши на сандачето дека не сакаш да ти ставаат рекламни материјали. 8. Не купувај весници. А тие што веќе ги имаш дома, искористи ги како украсна хартија за подароци. 9. Ако мора да подариш некаков предмет, барем избегнувај такви што создаваат уште ѓубре (пегла која работи само со спакувана дестилирана вода, играчки и сликовници на батерии, итн.). 10. Не земај потврда за направената трансакција. Банкоматот ти дава опција и за проверка на состојбата на сметката. 11. Не веруваш во магија? Пробај да ја исчистиш славината со сода бикарбона и оцет! И кадата и лавабото и огледалото. 12. Купувај на мерење и избегнувај ја амбалажата! Купувај локални и сезонски производи! 13. Џабе избегнуваш амбалажа ако намирниците ги ставиш во пластична ќеса. Секогаш носи си барем една платнена торба. 14. Влошките и тампоните замени ги со менструална чашка. Најверојатно ќе се преродиш;) 15. Пробај сам/а да си направиш паста за заби и сапун. 16. За поздрава животна средина, движи се пеш, на точак или со автобус... и ЈСП е подобар избор од автомобилот. 17. Пробај да направиш компост. Тука можеш да ги фрлиш и влакната и ѓубрето од подот. Почни од тоа што ти се чини најлесно. Многу бргу сам/а ќе се увериш дека е „заразно“. И не заборавај да им објасниш и на најблиските – само така полесно ќе стигнеш до нула отпад! Или, пак, заедно погледнето го видеово за Беа Џонсон: |
1. Речи не, или не прифаќај го она што не ти треба. Кафето или цедениот сок за носење земи го во сопствена чаша, а остатоците од ручекот со колегите нека ти го „спакуваат“ во садот што ќе им го дадеш. Избегнувај ги бесплатните производи – те „мамат“ затоа што ти требаат или затоа што се бесплатни? Не земај флаери само за да ги фрлиш во најблиската канта, пиши на сандачето дека не сакаш рекламен материјал. Не изгледа толку тешко, нели? 2. Редуцирај го она што ти треба. Пред да пазариш, размисли двапати дали ти треба уште еден пар фармерки или патики, дали ти требаат сите тие кујнски помагала од кои најчесто користиш две-три или, пак, сите тие детергенти за полирање и гланцање кога речиси сè може да се исчисти со оцет и сода бикарбона. Зошто да ги даваш парите за разно-разни декорации кои ти одземаат време при средувањето на собата кога можеш да ги донираш или да си го платиш курсот по германски или јога? 3. Реупотреби го она што не ти треба. Купувај половни производи и облека, пазари со платнени торби наместо со најлонски ќеси и избегнувај амбалажа. Би пробал/а ли да купиш леб во навлака за перница наместо во хартиена ќеса или, пак, кашкавал во сад кој ќе си го понесеш од дома? 4. Рециклирај го она што не можеш да го одбиеш, редуцираш или реупотребиш. Не би требало да ти преостанува многу. 5. Компостирај сè друго. Остатоците од овошје и зеленчук, влакната, собраното ѓубре од подот претвори ги во корисно ѓубриво и раззелени си ја терасата, градината или тревникот пред зграда. Од каде ќе почнеш? |
Што пропушти од нашиот прв е-информатор:
Концептот „нула отпад“ се развива како реакција на консумеристичкото општество кое со вртоглава брзина ја задоволува и уште повеќе разгорува човечката ненаситност на сметка на човечкото достоинство, природните ресурси и животната средина, оставајќи ни во трајно наследство купишта отпад што не може бескрајно да се рециклираат дури ни во најразвиените земји. За пример ја зема природата – зашто таму вишок нема. Неговата примена зависи од производи и процеси чии составни делови треба да се расклопливи, поправливи и/или погодни за рециклирање – наместо да се горат и закопуваат, па затоа да се живее без отпад не е само етички и визионерски, туку и ефикасно и економски исплатливо: покрај низа здравствени придобивки, концептот „нула отпад“ носи и значителни заштеди во време и пари, како и огромен потенцијал за вмрежување и развој на заедниците, индустриите и деловниот сектор.
Прифатен од сè повеќе луѓе како филозофија на живеење, концептот „нула отпад“ му пркоси на систематизираниот процес на произведување, консумирање и фрлање и нè учи да кажуваме „не“, да редуцираме, да реупотребуваме, да рециклираме и да компостираме.
Звучи возбудливо, нели? |