Не пропуштај!
Беа Џонсон ќе ја покаже незината тегла ѓубре во живо, на предавањата во понеделник (20 март) во "Јавна соба" и во Американ Колеџ Скопје. За жал пријавувањето не е веќе возможно поради големиот интерес.
|
Што пропушти од нашиот втор е-информатор:
Интервјуто на Беа што го направи новинарот Жарко Василевски за „Нова Македонија“. |
1. Како би го дефинирале концептот Нула отпад?
Нула отпад не е концепт, туку начин на живот. Живеејќи на овој начин уште од 2008 година и инспирирајќи цело едно глобално движење, моето семејство потврдува дека нула отпад не е идеал, туку реалност. Да се живее со нула отпад значи да се намалува отпадот во домаќинството колку што е можно повеќе при што животот станува поедноставен. Најпосле, ваквиот начин на живот овозможува да имаме живот составен од искуства наместо од предмети. 2. Што во пракса значи овој концепт кога е во прашање една личност, семејство, фирма и општество? Како да живеат, дејствуваат, како да размислуваат? Да се произведе само една тегла ѓубре годишно е прилично едноставно. Ние се водиме според мојата методологија која ја спомнувам и во мојата книга „Дом без ѓубре“ (Zero Waste Home) и која гласи: „речи не, редуцирај, реупотреби, рециклирај и компостирај, и тоа само по тој редослед“. Применлива е во секоја ситуација: независно дали станува збор за поединец, семејство, работна средина, општество. 1) Речи не (или не прифаќај го) она што не ти треба (пр. пластични производи за еднократна употреба, гратис производи, рекламен материјал); 2) Редуцирај го она што го консумираш (пр. облека, мебел и разно-разни декорации за домот); 3) Реупотреби така што ќе купуваш половна роба и ќе ги заменуваш производите за еднократна со производи за повеќекратна употреба (ова вклучува и пазарење со платнени торби, тегли, стаклени шишиња кои може многупати да се користат); 4) Рециклирај го она што не можеш да го одбиеш, редуцираш или реупотребиш, и 5) Компостирај го останатото (пр. остатоци од овошје и зеленчук, влакна, собраното ѓубре од подот) 3. Колку ваквиот начин на живот е застапен во светот? Кои држави би ги споменале како позитивни примери? Какви се статистиките? Од реакциите што ги добивам и од бројката на продавници за производи без амбалажа, чие отворање е поттикнато од мојата книга, забележувам дека живеењето без отпад е најпопуларно во Европа. Тоа не значи дека тука е најлесно да се постигне (секој, независно од местото на живеење, може да ги примени моите 5 правила и да ужива во здравствените придобивки и да штеди време и пари), но сфаќам дека Европејците сакаат едноставни задоволства, не се толку исплашени како Американците кога е во прашање, на пример, едноставноста во живеењето и купувањето во продавници за употребена облека. Статистиката покажува и дека ваквиот начин на живот најмногу ги интересира луѓето на возраст од 25 до 34 години. 4. Дали сте запознаени со состојбите на Балканот каде што тешко оди самото селектирање отпад и неговото рециклирање... а вие зборувате за Нула отпад? Како и колку време треба за да се разбуди свеста на населението? Спротивно на општото верување, да се живее со нула отпад значи да се рециклира помалку, а не повеќе. Со примена на петте правила што ги спомнав, секој може да го спречи самото создавање на ѓубрето. Откако ќе отфрлите, редуцирате и реупотребите, за рециклирање и компостирање ќе ви остане многу малку. Токму затоа „нула отпад“ е применлив каде било во светот. Оттука, не доаѓам за да им кажам на луѓето да рециклираат повеќе, туку помалку. (второто прашање е одговорено со последното) 5. Конкретно што ќе работите во Македонија? Која е целта? Каде ќе ја продолжите мисијата? Нула отпад им се чини недостижен на многумина главно затоа што прво, нашата цивилизација е толку навлечена на консумеризмот да не може да замисли да живее поинаку и второ, има голем стигматизам околу живеењето без отпад: луѓето најчесто мислат дека ќе ги чини повеќе и ќе им одземе повеќе време. Мојата цел е да ги разнишам овие предрасуди - би учествувала и во каков било проект во оваа насока – и токму затоа доаѓам и во Македонија. Исто така, се надевам дека во публика ќе се најде некој издавач кој ќе сака да ја издаде мојата книга на македонски! Со секој превод на книгата (досега е преведена на 14 јазици), моите практични совети стануваат подостапни, а популарноста на живеењето без отпад нагло расте во конкретната земја. |
Што пропушти од нашиот прв е-информатор:
Храна, неизносени парчиња облека, разно-разни предмети, стари списанија и секаква пластика - и сето тоа најчесто спакувано во навидум биоразградливи ќеси – завршуваат на супстандардни депонии, во реките и езерата или, пак, едноставно ни ги полнат шпајзовите само за да не ни притребаат. Важно, никогаш не исчезнуваат. А сите ние упорно создаваме и фрламе ѓубре и чекаме да запролети за да заборавиме на загадувањето. Во Македонија, 100% од отпадот завршува на депониите - и таму останува околу 30 години. Македонските домаќинства произведуваат над 90% од целото ѓубре што „живее“ на вкупно 54 општински депонии и над 300 диви депонии низ целата земјa, при што Дрисла близу Скопје е единствената што работи колку-толку според стандардите. Но, чаре има – се вика „нула отпад“! Наспроти општото верување кај нас дека спасот е (само) во селектирањето и рециклирањето на отпадот од домаќинствата, во светот има луѓе кои речиси и да не фрлаат ѓубре затоа што речиси и да не создаваат. А она малку што не успеваат да го искористат поинаку, го збира во една обична тегла годишно! Сеприсутното ѓубре секојдневно нè потсетува дека можно е да живееме во поздрава животна средина, па решивме да тргнеме од нула и да се обидеме да стигнеме до нула – отпад! Сакаш да пробаме заедно? Тогаш, заокружи си го 20-ти март и пријави се на следниот линк. За животот без отпад ќе ни зборува фантастичната Беа Џонсон! И тоа двапати – прво, на Универзитетот Американ Колеџ Скопје во 16.00 часот, а потоа во „Јавна соба“ во 19.00 часот. Предавањата се бесплатни, пријавувањето задолжително, а бројот на места ограничен! |